Уверението за здравствена и психофизичка способност на кандидатот за возач, во времето на оспособување со моторно возило, при полагање на возачки испит, кога се поднесува барање за издавање на возачка дозвола за прв пат, како и кога се врши заверка на нова категорија во возачката дозвола не смее да биде постаро од 18 месеца.
На контролен здравствен преглед задолжително подлежи: - возач кој управува со моторно возило со кое се врши јавен превоз, во временски интервали што не можат да бидат подолги од три години; - возач на кого му е издадена возачка дозвола за управување со моторни возила од категориите „Ц“, „Ц1“, „ЦЕ“, „Ц1Е“, „Д“, „Д1“, „ДЕ“, „Д1Е“ и „Т“ пред секое продолжување на важноста на возачката дозвола; - возач на моторно возило на кого му е издадена дозвола со пократок рок на важност заради здравствената состојба; - возач на моторно возило кој наполнил 65 години возраст, во временски интервали кои не можат да бидат подолги од три години и - возач-инструктор пред секое продолжување на важноста на дозволата за возач-инструктор.
Возачка дозвола издава Министерството за внатрешни работи според живеалиштето на граѓанинот, односно престојувалиштето на странецот кој има одобрен престој од најмалку шест месеци.
За време на оспособувањето на кандидатот за возач, во возилото се наоѓаат само кандидатот за возач и возачот-инструктор, а по потреба и лицето кое е овластено да врши надзор над оспособувањето на кандидатот за возач. Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот-инструктор кој постапува спротивно на оваа одредба.
Кандидатите за возачи на моторни возила се должни пред почетокот на обуката да се подложат на здравствен преглед. На здравствениот преглед се утврдува дали кандидатот за возач или возачот ја има потребната здравствена и психофизичка способност за управување со моторни возила. Здравственот преглед го врши здравствена установа.
За извршениот здравствен преглед, здравствената установа издава уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторни возила. Возачите на моторни возила се должни да се подложат и на контролни здравствени прегледи.
На пат со моторно возило може да се оспособува за управување и кандидат за возач кој има до шест месеци помалку од годините на возраст, пропишани за издавање возачка дозвола за категоријата на возила во која спаѓа моторното возило на кое се врши оспособувањето.
Возачки испит може да полага само кандидат за возач кој ја има навршено возраста неопходна за добивање дозвола од категоријата за која се оспособил.
На возачот кому му е издадена возачка дозвола на Република Македонија за управување со моторно возило, по негово барање може да му се издаде и меѓународна возачка дозвола. Меѓународната возачка дозвола се издава со рок на важност од три години од денот на нејзиното издавање, односно со рок на важност до денот на важење на возачката дозвола, доколку истекот на нејзината важност е помалку од три години.
Меѓународните возачки дозволи ги издава Министерството за внатрешни работи или правно лице за вршење на технички преглед на возила овластено од Министерството за внатрешни работи кое ги исполнува условите во поглед на соодветен стручен кадар, просторно и материјално-технички услови. Меѓународните возачки дозволи се издава на образец чија форма, содржина, боја, вид и квалитет на материјалот е согласно со Меѓународната конвенција за патен сообраќај и истите се еднобразни за територијата на Република Македонија.
Меѓународна возачка дозвола не може да му се издаде на возач на кого му е изречена прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило, за периодот додека трае забраната. Меѓународната возачка дозвола издадена во Република Македонија, не може да се користи за управување со моторни возила на територијата на Република Македонија.
(1) Возач - почетник кој поседува возачка дозвола од категориите „А1“, „А2“, „А“, „Б“, „Ц1“ и „Ц“ не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 km/h на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 km/h на автопат, а со велосипед со мотор повеќе од 40 km/h, ниту смее со возилото да влече приклучно возило или да врши организиран превоз на деца, во рок од две години од денот на издавање на возачката дозвола.
При издавањето на возачка дозвола, Министерството за внатрешни работи на возачот му издава и возачка книшка за запишување на негативни бодови за сторени прекршоци, како и прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило согласно со одредбите од овој закон.
Возач на моторно возило кој ќе го промени личното име, живеалиштето односно престојувалиштето, е должен во рок од 15 дена да извади возачка дозвола. Прекршочен платен налог со глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност во согласно со одредбите од овој закон, ќе му се издаде на возачот кој постапува спротивно на оваа одредба.