Што треба да носи кандидатот со себе за време на обуката?

(1) За време на управувањето со моторно возило, кандидатот за возач е должен кај себе да има лична карта или друг документ за идентификација и уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило. 
 
(2) Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на лицето, кандидат за возач кое постапува спротивно на одредбата од ставот (1).

Колку месеци важност има лекарското уверение?

Уверението за здравствена и психофизичка способност на кандидатот за возач, во времето на оспособување со моторно возило, при полагање на возачки испит, кога се поднесува барање за издавање на возачка дозвола за прв пат, како и кога се врши заверка на нова категорија во возачката дозвола не смее да биде постаро од 18 месеца. 

Кој се подлежи на контролен здравствен преглед?

На контролен здравствен преглед задолжително подлежи: - возач кој управува со моторно возило со кое се врши јавен превоз, во временски интервали што не можат да бидат подолги од три години; - возач на кого му е издадена возачка дозвола за управување со моторни возила од категориите „Ц“, „Ц1“, „ЦЕ“, „Ц1Е“, „Д“, „Д1“, „ДЕ“, „Д1Е“ и „Т“ пред секое продолжување на важноста на возачката дозвола; - возач на моторно возило на кого му е издадена дозвола со пократок рок на важност заради здравствената состојба; - возач на моторно возило кој наполнил 65 години возраст, во временски интервали кои не можат да бидат подолги од три години и - возач-инструктор пред секое продолжување на важноста на дозволата за возач-инструктор. 

Кој и каде ја издава возачката дозвола?

Возачка дозвола издава Министерството за внатрешни работи според живеалиштето на граѓанинот, односно престојувалиштето на странецот кој има одобрен престој од најмалку шест месеци. 

Дали смеат да се превезуваат и други лица за време на обуката?

За време на оспособувањето на кандидатот за возач, во возилото се наоѓаат само кандидатот за возач и возачот-инструктор, а по потреба и лицето кое е овластено да врши надзор над оспособувањето на кандидатот за возач. Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот-инструктор кој постапува спротивно на оваа одредба.

Дали морам да извадам лекарско уверение пред да започнам со обука?

Кандидатите за возачи на моторни возила се должни пред почетокот на обуката да се подложат на здравствен преглед. На здравствениот преглед се утврдува дали кандидатот за возач или возачот ја има потребната здравствена и психофизичка способност за управување со моторни возила. Здравственот преглед го врши здравствена установа.

За извршениот здравствен преглед, здравствената установа издава уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторни возила. Возачите на моторни возила се должни да се подложат и на контролни здравствени прегледи. 

Дали можам, и колку порано можам да почнам со обуката?

На пат со моторно возило може да се оспособува за управување и кандидат за возач кој има до шест месеци помалку од годините на возраст, пропишани за издавање возачка дозвола за категоријата на возила во која спаѓа моторното возило на кое се врши оспособувањето. 

Дали можам да полагам пред да ја навршам возраста пропишана со закон?

Возачки испит може да полага само кандидат за возач кој ја има навршено возраста неопходна за добивање дозвола од категоријата за која се оспособил.

Дали имам право на приговор ако не сум задоволен од оценувањето на испитната комисија и под кои услови?

Во случај кога кандидатот за возач не го положи возачкиот испит, има право на приговор до испитниот центар, во рок од 24 часа од спроведувањето на возачкиот испит. 
 
За разгледување на приговорите ,испитниот центар формира комисија за разгледување на приговорот. Комисијата е составена од претседател и два члена, од кој претседателот е раководител или контролор во испитниот центар, додека од двата члена има по еден претставник од Министерството за образование и наука и Министерството за внатрешни работи.
 
Во работата на комисијата, на барање на кандидатот за возач, може да учествува и претставник од автошколата кој го оспособувал, без право на глас. Комисијата донесува решение во рок од пет работни дена од поднесување на приговорот.
 
Испитниот центар по добивање на решението писмено го известува кандидатот за одлуката во рок од 24 часа. Доколку комисијата го усвои приговорот, на кандидатот за возач му се признава оспорениот дел од возачкиот испит за положен. Паричниот надоместок за работата на претседателот и членовите на комисијата се на товар на испитниот центар. 

Што се опфаќа една обука за возач?

Наставниот план задолжително ги опфаќа следниве наставни програми: - сообраќајни правила и прописи (теоретски дел), - управување со возило (практичен дел) и - укажување на прва помош на лица повредени во сообраќајна незгода. 
 
(1) Наставната програма автошколата ја спроведува организирано од страна на стручни предавачи по пат на предавања, презентации и слично. 
 
(2) Оспособување на кандидати за возачи за укажување на прва помош на лица повредени во сообраќајна незгода, врши Црвениот крст на Република Македонија или здравствена установа овластена од Министерството за здравство, за што издава потврда за оспособеност за укажување на прва помош. 

Што е тоа Пробен тест?

Оспособување на кандидат за возач за практично управување со возило на пат автошколата врши откако претходно ќе изврши проверка дали кандидатот за возач поседува потребно знаење од правилата за сообраќајот на патиштата и сообраќајните знаци.
 
Проверката се спроведува писмено на претходно изработен пробен тест од Министерството за внатрешни работи во согласност со Министерството за образование и наука. 

Се за Меѓународна возачка дозвола

На возачот кому му е издадена возачка дозвола на Република Македонија за управување со моторно возило, по негово барање може да му се издаде и меѓународна возачка дозвола. Меѓународната возачка дозвола се издава со рок на важност од три години од денот на нејзиното издавање, односно со рок на важност до денот на важење на возачката дозвола, доколку истекот на нејзината важност е помалку од три години.

Меѓународните возачки дозволи ги издава Министерството за внатрешни работи или правно лице за вршење на технички преглед на возила овластено од Министерството за внатрешни работи кое ги исполнува условите во поглед на соодветен стручен кадар, просторно и материјално-технички услови. Меѓународните возачки дозволи се издава на образец чија форма, содржина, боја, вид и квалитет на материјалот е согласно со Меѓународната конвенција за патен сообраќај и истите се еднобразни за територијата на Република Македонија. 

Меѓународна возачка дозвола не може да му се издаде на возач на кого му е изречена прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило, за периодот додека трае забраната. Меѓународната возачка дозвола издадена во Република Македонија, не може да се користи за управување со моторни возила на територијата на Република Македонија. 

Ограничувања за возач почетник за сите категории

(1) Возач - почетник кој поседува возачка дозвола од категориите „А1“, „А2“, „А“, „Б“, „Ц1“ и „Ц“ не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 km/h на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 km/h на автопат, а со велосипед со мотор повеќе од 40 km/h, ниту смее со возилото да влече приклучно возило или да врши организиран превоз на деца, во рок од две години од денот на издавање на возачката дозвола.


 (2) Возач-почетник на моторно возило, не смее да управува возило во патниот сообраќај во времето од 23,00 часот до 5,00 часот, освен ако со него во возилото на предното седиште се наоѓа лице-возач, од соодветната категорија и постаро од 25 години, на кое не му е изрекувана прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило.
 
 (3) Возач - почетник кој поседува возачка дозвола од „А” категорија, не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 25 киловати.
 
 (4) Возач - почетник кој поседува возачка дозвола од „Б” категорија не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 77 киловати.
 
 (5) Мандатен платен налог со глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 40 негативни бода на возачот кој постапува спротивно на одредбите од овој закон.

Дали смеам да возам часови под дејство на алкохол?

Возачот-инструктор не смее да оспособува кандидат за возач за управување со моторно возило или трактор, кој е под дејство на опојни дроги, психотропни супстанции или лекови на кои е означена забрана за употреба пред возење, изморен, болен или е во таква психичка состојба што не е способен сигурно да управува со возилото на пат.
 
Мандатен платен налог со глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 50 негативни бода согласно со одредбите од овој закон, на возачот-инструктор кој постапува спротивно на одредбите.
 
Покрај утврдениот износ на глоба на возачот-инструктор ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило во период од шест до 12 месеци.
 
Министерството за внатрешни работи на возачот-инструктор со решение ќе му ја одземе лиценцата за оспособување на кандидати за возачи во времетраење на прекршочната санкција.

Дали додека управувам со моторно возило морам да носам возачка дозвола и возачка книшка?

Кога управува со моторно возило, возачот е должен кај себе да има важечка возачка дозвола и возачка книшка и истите е должен да ги покаже на барање на полициски службеник.
 
Мандатен платен налог со глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 40 негативни бода согласно со одредбите од овој закон, на возачот кој постапува спротивно на одредбата.

Кој издава возачка книшка?

При издавањето на возачка дозвола, Министерството за внатрешни работи на возачот му издава и возачка книшка за запишување на негативни бодови за сторени прекршоци, како и прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило согласно со одредбите од овој закон. 

Дали треба да извадам нова возачка дозвола ако ги променам личните податоци?

Возач на моторно возило кој ќе го промени личното име, живеалиштето односно престојувалиштето, е должен во рок од 15 дена да извади возачка дозвола. Прекршочен платен налог со глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност во согласно со одредбите од овој закон, ќе му се издаде на возачот кој постапува спротивно на оваа одредба.

Лиценца

Сертификат

Copyright